Што работиме

Истражување и анализа

Јавните отворени простори се интегрален дел од градското живеење низ кои се опросторува и артикулира социјалниот живот. Квалитетот на градското живеење се мери токму преку слободниот, неизграден, но содржински оплеменет простор. Во услови на недостиг од системски пристап во планирањето и последователно уредувањето на јавните простори, работиме на актуелизирање на ова прашање преку истражување, информирање на пошироката јавност, поттикнување на нивно активно вклучување во процесите, како и застапување пред институциите.

Оценка на просторните функционалности на веќе изведени простори (post-occupancy studies)

Ги анализираме и оценуваме квалитативните особености на јавните простори, како и начинот и фреквенцијата на нивното користење преку претходно изготвени тематски прашалници и анкети за мерење на стационарните активности.

Анализа на законска регулатива

Ги следиме и анализираме законските решенија и измени кои директно влијаат врз квалитетот на градското живеење, но и заштитата на животната средина, вклучително и животните.

Изработка на студии

Нудиме предлог-решенија, засновани на научни истражувања, факти и податоци, со цел да придонесеме кон долгорочно, одржливо и правично уредување на градскиот простор.

Пасош на Скопје

Читањето и разбирањето на урбанистичките планови е најчесто предизвик за пошироката јавност. Тоа придонесува за нивно ограничено учество во процесите на планирање на градот, како и намалена проактивност во врска со прашања поврзани со оваа проблематика. Пасош на Скопје е дигитална платформа чијашто цел е да ги мапира, класифицира и оцени просторните елементи и содржини со кои располага Скопје. Преку едноставни визуелни прикази, граѓаните можат да се запознаат со колку и какви содржини располагаат нивните градски четврти. Целта на оваа платформа е понуди нов модел за граѓанско информирање за квалитативните и квантитативните особености на градските простори и преку тоа да ја поттикне граѓанската вклученост во овие процеси. Овој проект е изработен во соработка со Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН – Скопје.

Активација на јавни простори

Aктивацијата на јавни простори ја третираме како алатка за повторно воспоставување на врската меѓу граѓаните и нивната непосредна околина. Преку мали, но внимателно осмислени интервенции, настани и партиципативни процеси, ги реобмислуваме запоставените или нефункционални простори и поттикнуваме нивна социјална, културна и еколошка валоризација. Веруваме дека секој јавен простор има потенцијал да стане активен носител на заедништво и инклузија, доколку се отвори простор за локални визии, искуства и потреби.

Правна помош, застапување и едукација

Правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право. Пристапот до информации поврзани со планирањето на градот често знае да биде долг и ограничувачки, во недостиг на лесно достапни механизми кои би го поттикнале граѓанското учество. За таа цел, покрај тоа што континуирано се залагаме за унапредување на овие процеси, истовремено нудиме и правна помош во остварувањето на правото на чиста, здрава и безбедна средина. Активно работиме и на застапување пред институциите за теми и прашања од јавен интерес, како и на едукација на пошироката јавност.