Анкетниот образец, фокусиран на мерење на стационарните активности, има за цел да ги препознае просторно-временските шеми на активностите во разгледуваниот простор. Истиот генерираше податоци кои се опросторуваат преку одговорите на тематскиот прашалник и притоа ја отсликуваат состојбата со расположливата инфраструктура и нејзиниот квалитет, како и појавите во врска со истите.Овие мерења се од суштинска важност при оценувањето на влијанието на урбаниот дизајн на јавниот живот и се еден од аргументите во процесот на воспоставување стандарди за различните аспекти на отворените јавни простори.
Во разгледаните случаи значителна е присутноста на децата под 5 години и нивните негуватели. Треба да се забележи и тоа дека кај овој пар дете-негувател се забележуваат отстапки од поранешните практики децата да бидат чувани од повозрасните членови на семејството и дека се забележува трендот тоа да го извршуваат самите родители. Позабележителната присутност на жените во одреден дел од денот (утрото) пак, најверојатно се должи на тоа што родителската грижа за децата до 5 години е препуштена на мајката, нешто кое се чита кај повеќето пресеци на активностите, особено во работните денови од неделата.




Просторите кои се поставени долж примарните сообраќајници (зелен сквер „Марче паркче“, инклузивното детско игралиште – Веро, кровна градина – ГТЦ), наспроти силната тангенцијална фреквенција на луѓе и возила, имаат карактер на интровертни места, со појасно дефинирани природни или изградени граници. Кај овие простори дополнително се забележува поскромна програма, многу фокусирана група корисници, скромна палета на активности (седење, играње, разговор) и вообичаено една функција (детско игралиште, парк) која доминира над останатите.
Во просторите со поголема програмска сложеност (урбан парк покрај ул. „Пандил Шишков“, детско и спортско игралиште „Славка Недиќ“) групите се разновидни и тоа придонесува не само за поголема кохезија, туку создава и дополнителни услови за генерациска размена на искуства и градење на врски со широк возрасен опсег. Наспроти тоа, кај просторите со фокусирана функционална структура (зелен сквер „Марче паркче“, инклузивното детско игралиште – Веро, кровна градина – ГТЦ) групите се формираат во рамките на доминантната намена на просторот и за сметка на контролираната социјална кохезија обезбедуваат средина која е побезбедна и попријатна за возрасните групи под 5 години и лицата над 65 години.
Целото истражувањe е достапно овде.
Проектот „Заедници за одржливост II”, се спроведува од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива Охрид SOS, финансиски поддржан од Heinrich-Böll-Stiftung Sarajevo. Конкретното истражување се спроведува во соработка со Хумани градови.

