ХАВЕЛ – нов концепт на засолништа за кучиња и мачки

Вториот сет засолништа за бездомни животни, дизајниран и изработен од Студио90, претставува едноставен, но внимателно осмислен концепт, со две варијанти: кружна и квадратна основа. Засолништата се без класични ѕидови, наместо тоа, обложени се полупрозрачна структура која создава чувство на заштита кај животното, а истовремено овозможува природна вентилација и непречена врска со околината.

Проектот се темели на концептот на прималната колиба на Ложиер*, која ги нагласува основните потреби за прибежиште и употребата на природни материјали. Овој концепт нѐ потсетува дека едноставноста е често најинтелигентниот одговор на предизвиците на природата.

Овие засолништа се изработени во рамки на проектот за унапредување на благосостојбата на животните, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, а поради големиот интерес за користење на истите од страна на бездомните штитеници во ЈП ЛАЈКА – Скопје, засолништата им беа донирани и оставени на користење на Понго, Анда, Сречка, Мајче, Шорти и Циги.