Архитектура на солидарноста и едноставноста: две нови засолништа за бездомни кучиња во Аеродром

Присуството на бездомните кучиња во урбаниот пејзаж на Скопје ја нагласува потребата од колективен придонес и ангажираност за нивна поголема заштита и добросостојба. Начинот на кој општеството се справува со овие прашања зборува за вредностите што ги негуваме и за степенот на сочувство и солидарност што сме подготвени да го понудиме. Овој проект е токму пример за ваков одговорен пристап – иницијатива што преку волонтерски труд ја обединува архитектонската заедница, институциите и јавноста во создавање видливи решенија.

Во рамки на архитектонското студио к87а, беа дизајнирани две куќарки произлезени од универзалниот архетип на куќа – симбол на дом и засолниште, подеднакво значаен и за луѓето и за животните. Основната форма е поделена на две целини – во едната се влегува фронтално, а во другата странично, што остава простор за независно користење на овие два елементи. Конструкцијата е од дрвени летви обложени со ОСБ плочи, обоени во зелена и бела боја за да се впишат во паркот и да станат дел од природниот амбиент. 

Во оваа насока, формалната чистота и минималистичкиот јазик се надоврзуваат на делото „The Mainstream“ на Александар Бродски, каде миграцијата на номадските засолништа се претвора во метафора за непрекинливиот тек на колективната меморија. На сличен начин, и овие две засолништа, скромни по форма и материјалност, се впишуваат во пошироката нарација за заедничката грижа, со фокус на бездомните животни како дел од урбаната слика.

Овие засолништа се изработени во рамки на проектот за унапредување на благосостојбата на животните, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Поставени се позади ТЦ „Три бисери“, со цел да им послужат како засолништа на двете бездомни кучиња, кои со години живеат на оваа локација и за кои се грижат околните жители.