Во периодот од 30.06.2018 до 30.06.2023 година, од вкупно 10 општини во Градот Скопје, само 2 општини распишале јавен конкурс за идејно решение за уредување на јавен простор. Од овие 2 конкурси, 1 бил поништен поради нецелосна документација на пристигнатите решенија (Општина Ѓорче Петров), додека во другиот и единствен случај било реализирано победничкото решение. Од вкупно 364 реализирани јавни простори на територија на град Скопје, во периодот од 2018 до 2023 година, само еден јавен простор бил реализиран по претходно распишан јавен конкурс за идејно решение.




Проектирањето на јавните простори е заменето со процес на јавна набавка, а стручната јавност генерално има ограничени пристап и влијание врз овие процеси. Следствено, како резултат се јавуваат повторливи јавни простори, монотони и неприспособени на контекстот, кои не нудат нови содржини, ниту разновидност на програмите и моделите за интеракција, едукација и општо – нивно користење.
Како резултат на оваа пракса, а конкретно кај двете најзастапени категории – детските и спортските игралишта, се забележува наклонетост кон користење на генерички и повторливи елементи за уредување на овие простори, без притоа да се земе предвид контекстот и поврзувањето со истиот. Од оваа практика не се исклучени и останатите категории на јавни простори, односно скверовите, парковите и кровните градини.
Целото истражувањe е достапно овде.
Проектот „Заедници за одржливост II”, се спроведува од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива Охрид SOS, финансиски поддржан од Heinrich-Böll-Stiftung Sarajevo. Конкретното истражување се спроведува во соработка со Хумани градови.

