Како се користат јавните простори во Скопје? (прв дел) 

Преку 6 тематски прашалници и 1 анкетен образец, се мереа различни квалитативни и квантитативни аспекти на јавните отворени простори изградени или реконструирани во периодот од 2018 до 2023 година. Тематските прашалници и анкетниот образец беа формулирани во согласност со потребите и целите на истражувањето, притоа земајќи ја предвид и потребата за анализа на специфичните аспекти, кои беа препознаени кај постоечките јавни простори на територија на градот Скопје.

И покрај забележаната тенденција за промовирање на инклузивни отворени  простори, пристапноста не се применува во просторот од кој се пристапува кон овие инклузивни тематски површини, но и не се унапредува состојбата во веќе оформените јавни простори. Само во 50% од анализираните јавни простори,пристапот од непосредната околина кон јавниот простор бил без препреки.

Во 50% од случаите, јавните отворени простори немале соодветен паркинг за велосипеди во непосредна близина или во рамки на самиот јавен отворен простор, додека во сите случаи (100%) имало паркинг за автомобили. Урбаната опрема била целосно функционална во 33,3% од случаите, во 16,7% била делумно во функција, додека пак во 50% од случаите сите елементи од урбаната опрема биле во неисправна состојба иако се работи за новоформирани простори (не постари од 5 години).

Кај повеќето од шесте разгледувани случаи се забележува присуство на парковско зеленило воспоставено пред внесувањето на новите содржини (како на пример, сквер и детско игралиште „Нерези“, детското и спортско игралиште „Славка Недиќ“). Дел од новооформените простори се внесени во површини планирани како заштитно зеленило на главните сообраќајни правци во населбите (зелен сквер „Марче паркче“) што создава бројни конфликтни ситуации. Кај дел од разгледуваните простори (урбан парк покрај ул. „Пандил Шишков“), забележаниот недостиг на зеленило е причина за намален комфор, зголемена врева создадена при користењето на просторот и сл.

Целото истражувањe е достапно овде.

Проектот „Заедници за одржливост II”, се спроведува од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива Охрид SOS, финансиски поддржан од Heinrich-Böll-Stiftung Sarajevo. Конкретното истражување се спроведува во соработка со Хумани градови.