Поставени шест нови засолништа за бездомни животни во Парк на франкофонија

По повод Меѓународниот ден на кучето, граѓанската асоцијација ХУМАНИ ГРАДОВИ во соработка со студиото архитектура нова, а со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје и Општина Центар постави шест засолништа за бездомни кучиња во Паркот на франкофонијата.

Присуството на бездомни кучиња во Скопје, но и во земјава, буди значајна загриженост, трансформирајќи ја оваа група животни во активни корисници на јавните површини во градот. Нивното присуство не само што ги истакнува предизвиците на справувањето со урбаните животни, туку служи и како одраз на нашата колективна свест, сочувство и воспоставените односи што ги негуваме со ранливите заедници. Дизајнот на јавните простори ретко ги одразува потребите и на оваа корисничка група, исклучувајќи ги од единствените простори на кои имаат „право“ на користење. 

За таа цел, во рамки на проектот за унапредување на благосостојбата на животните, финансиран од U.S. Embassy North Macedonia, пет локални архитекти се вклучија во процес на редефинирање на јавните простори преку решенија кои ги интегрираат потребите на луѓето, животните и животната средина во урбаниот пејзаж.

Решението на архитектура нова има за цел да создаде одржлив, но и емпатичен однос помеѓу потребите на овие три субјекти, притоа подобрувајќи го квалитетот на животот на бездомните животни и поврзаноста на заедницата со нив. Во овој контекст, предложеното решение е дизајнирано како структура со „прилагодлив размер“, што овозможува флексибилност и приспособливост во различни урбани средини.