Што работиме
Истражување и анализа
Јавните отворени простори се интегрален дел од градското живеење низ кои се опросторува и артикулира социјалниот живот. Квалитетот на градското живеење се мери токму преку слободниот, неизграден, но содржински оплеменет простор. Во услови на недостиг од системски пристап во планирањето и последователно уредувањето на јавните простори, работиме на актуелизирање на ова прашање преку истражување, информирање на пошироката јавност, поттикнување на нивно активно вклучување во процесите, како и застапување пред институциите.
Оценка на просторните функционалности на веќе изведени простори (post-occupancy studies)
Анализа на законска регулатива
Изработка на студии
Пасош на Скопје
Читањето и разбирањето на урбанистичките планови е најчесто предизвик за пошироката јавност. Тоа придонесува за нивно ограничено учество во процесите на планирање на градот, како и намалена проактивност во врска со прашања поврзани со оваа проблематика. Пасош на Скопје е дигитална платформа чијашто цел е да ги мапира, класифицира и оцени просторните елементи и содржини со кои располага Скопје. Преку едноставни визуелни прикази, граѓаните можат да се запознаат со колку и какви содржини располагаат нивните градски четврти. Целта на оваа платформа е понуди нов модел за граѓанско информирање за квалитативните и квантитативните особености на градските простори и преку тоа да ја поттикне граѓанската вклученост во овие процеси. Овој проект е изработен во соработка со Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН – Скопје.
Активација на јавни простори
Правна помош, застапување и едукација
Правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право. Пристапот до информации поврзани со планирањето на градот често знае да биде долг и ограничувачки, во недостиг на лесно достапни механизми кои би го поттикнале граѓанското учество. За таа цел, покрај тоа што континуирано се залагаме за унапредување на овие процеси, истовремено нудиме и правна помош во остварувањето на правото на чиста, здрава и безбедна средина. Активно работиме и на застапување пред институциите за теми и прашања од јавен интерес, како и на едукација на пошироката јавност.